Промовиран вториот туристички спот за Македонија
Промовиран вториот спот од серијалот за туристичките атракции на Македонија. Режисерот Игор Иванов Изи со 80-члена екипа, со најсовремена технологија и буџет од 199 илјади евра изработи спот кој во светот испраќа позитивна слика за Македонија.
„Македонија се наоѓа во специфична ситуација и политички и социјално во одредена мера. Мислам дека е важно Македонија да има своја достојна презентација. Културните вредности воопшто, целото археолошко наследство, се она што го имаме треба светот да го види, најпрво на овој начин за да може тоа подоцна да се случи и физички, луѓето навистина да не посетат“, изјави Игор Иванов Изи.
Првиот спот „Македонија вечна“ што го изработи режисерот Милчо Манчевски како дел од кампањата на Владата, имаше свои специфики, не се плашам од споредби, вели Иванов.
„Спотот на Манчевски е направен во еден препознатлив за него манир што тој го негува уште од самите почетоци. Една специфична кино-естетика која без разлика на тоа колку во даден момент кореспондира со времето... Јас имам почитување за тоа дело“, вели Изи.
Музиката во спотот требаше да го долови она што е најспецифично за нашата земја, вели композиторот Ориѓански.
„Требаше во 75 секунди да ја најдам таа точна македонска реченица преку која што ќе кажам како овој народ диши“, рече Златко Ориѓански.
Во спотот, минатото и сегашноста спирално се испреплетуваат, сценографот Игор Тошевски вели целта беше едноставна - да се покаже колку е убава Македонија.
„Концептот на спотот е всушност да се види Македонија како слоевито место од временски слоеви, историски... Богати артефакти имаме“, изјави Тошевски.
Спотот „Македонија вечна“ ќе се емитува на телевизиската мрежа Си-Ен-Ен.



Post your comment